July8 , 2026

Спречен обид за државен удар во Бенин

Share

Министерот за внатрешни работи на Бенин изјави дека вооружените сили спречиле обид за државен удар откако група војници во западноафриканската земја на националната телевизија тврдеа дека ја презеле власта.

„Мала група војници започна бунт со цел дестабилизација на земјата и нејзините институции“, рече министерот Аласане Сеиду и додаде дека вооружените сили на Бенин и нивното раководство ја задржаа контролата врз ситуацијата и го спречија обидот.

Најмалку осум војници, од кои неколку носеа шлемови, излегоа на државната телевизија за да објават дека воен комитет предводен од полковникот Тигри Паскал ја презел власта и ги распушта националните институции, го суспендира уставот и ги затвора воздушните, копнените и морските граници.

„Армијата свечено се обврзува да му даде на народот на Бенин надеж за навистина нова ера, каде што преовладуваат братството, правдата и работата“, се вели во соопштението прочитано од еден од војниците.

Сè уште не се знае каде е претседателот Патрис Талон, а неговот кабинет изјави дека тој е безбеден.

Министерот за надворешни работи Олушегун Аџади Бакари претходно за Ројтерс изјави дека „мала група“ војници се обидела да ја собори владата, но дека силите лојални на претседателот Патрис Талон работат на воспоставување ред.

Обидот за државен удар беше најновата закана за демократските норми во регионот, каде што војската во последните години ја презеде власта во соседите на Бенин, Нигер и Буркина Фасо, како и во Мали, Гвинеја и минатиот месец во Гвинеја-Бисао.