Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје упати остар протест до потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, поради неговата средба со делегација од т.н. „Претставништво на Тајпеј“.
Во отвореното писмо, кинеската амбасада наведува дека овој чин „претставува сериозно кршење на принципот Една Кина, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“.
„Средбата ја поткопува политичката основа на билатералните односи и испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили што се залагаат за ‘независност на Тајван’“, стои во реакцијата.
Амбасадата потсетува дека Тајван е неотуѓив дел од Кина и се повикува на историски документи и резолуции, меѓу кои Каирската декларација, Потсдамската прокламација и Резолуцијата 2758 на ООН од 1971 година. Дополнително, се истакнуваат заедничките комуникиња меѓу двете земји од 1993 и 2001 година, каде Северна Македонија експлицитно го признава принципот Една Кина и се обврзува дека нема да воспостави никакви официјални односи со Тајван.
Амбасадата го критикува Милошоски дека како долгогодишен поранешен министер за надворешни работи морал да биде свесен за чувствителноста на ова прашање:
„Во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи билатералните односи?“, прашува кинеската страна.
Паралелно со реакцијата, поддржувачите на пратеникот возвратија со критика кон ваквите обвинувања, оценувајќи дека: „Многу притисок се врши врз демократски избран пратеник, кој има право и слобода да остварува средби според политичкото убедување или интерес.“
Тие додаваат дека меѓународната соработка и средбите со различни политички субјекти се дел од парламентарната работа и дипломатските активности на народните избраници.
https://mk.china-embassy.gov.cn/eng/dshdsgxx/202511/t20251120_11757116.htm?fbclid=IwY2xjawOMT3NleHRuA2FlbQIxMABicmlkETExaXU0Mm44dERNeXFMM0duc3J0YwZhcHBfaWQQMjIyMDM5MTc4ODIwMDg5MgABHgWkJ_JhNKJrYiTyOx70sTtloE6eAdigpfrkGNKsF5SoTCql6JzrcaS1gYVl_aem_xY-R7i3LyrwRQ-tamSnNnQ&brid=gNNHg4HS45nBGTU_yu0AgA